Берлин – Германската покраина Баварија потпиша договор за купување 2,5 милиони дози од руска вакцина против коронавирус „Спутник V“, откако ќе биде одобрена од европските регулатори. Баварскиот премиер Маркус Содер изјави дека Баварија потпиша меморандум за разбирање за снабдување со „Спутник V“. Доколку вакцината „Спутник V“ биде одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА), Баварија се очекува да добие околу 2,5 милиони дози преку компанија што би ја произвела вакцината во баварскиот град Илертисен, рече Содер.

Вашингтон – Трговскиот дефицит на САД се зголеми на рекордни 71,1 милијарда долари во февруари, поради падот на извозот за време на пандемијата на коронавирусот. Вкупната трговска размена по двата месеца во 2021 година е пониска за само 1,8 процент во споредба со минатата година, пред пандемијата да ја погоди светската економија. Разликата меѓу увозот и извозот во февруари скокна за 4,8 проценти во споредба со ревидираниот јануарски дефицит од 67,8 милијарди долари, соопшти Министерството за трговија.

Багдад – Талибанците соопштија дека спровеле напад врз воздушната база во јужен Авганистан, каде што се сместени меѓународните трупи. Доколку се потврди информацијата, тоа би бил првиот напад против странските сили за кој талибанците презедоа одговорност откако со САД во февруари 2020 година потпишаа договор. Засега ниту американската војска ниту НАТО не го коментираа тврдењето.

Вашингтон – Се очекува американскиот претседател Џо Бајден да претстави серија мерки насочени кон борба против оруженото насилство, спроведувајќи го предизборно ветување за воведување построги ограничувања на носењето оружје, пренесува АП, повикувајќи се на анонимен извор запознаен со плановите. Се очекува Бајден да објави построги регулативи, кои вклучуваат елиминација на пазарот за таканаречено импровизирано оружје, како и построги проверки на оние што купуваат оружје.