Франција – Ситуацијата со коронавирусот во регионот на Париз е крајно тензична и властите се подготвени да воведат нови рестриктивни мерки, изјави премиерот Жан Кастекс.

И покрај порастот на бројот на нови случаи на зараза, претседателот Емануел Макрон кажа дека ново национално затворање засега не е опција, туку мерките ќе се заоструваат на локално ниво, во најтешко погодените градови, како Ница и Данкирк.
Бројот на пациенти со ковид-19 на интензивна нега надмина 4.000 за првпат од 26 ноември, од кои 1.000 се во регионот на Париз. Здравствените власти кажаа дека болниците во Париз и во околните региони се блиску до преполнетост. Досега само 7,2 отсто од населението ја има примено првата доза вакцина.

Германија – Главниот уредник на германскиот весник „Билд“, Jулијан Рајхелт, кој е цел на внатрешна истрага поради поплаки на неколку жени за неговото однесување, побара привремено да биде разрешен од должноста, соопшти групацијата „Аксел Шпрингер“.
Против Рајхелт се поднесени неколку поплаки за малтретирање и злоупотреба на службената положба, по што „Аксел Шпрингер“ почна внатрешна истрага.

Чешка – Палестинските власти и Арапската лига го осудија отворањето на чешката дипломатска канцеларија во Ерусалим, нарекувајќи го кршење на меѓународното право. Прага во четвртокот отвори ерусалимски разгранок на својата израелска амбасада, која се наоѓа во Тел Авив. Инаугурацијата, на која присуствуваше и чешкиот премиер Андреј Бабиш, беше две недели откако Израел испрати неколку илјади дози вакцини против ковид-19 во Чешка.
Статусот на Ерусалим е едно од најтешките прашања во деценискиот израелско-палестински конфликт.

Русија – Руски научници спуштија еден од најголемите вселенски телескопи во Бајкалско Езеро за да можат да ги испитаат неговите длабочини.
Телескопот „Бајкал ГВД“ е изграден во 2015 година, за да се набљудуваат неутрините, најмалите од сите познати честички, а сега е спуштен на длабочина од 750 до 1.350 метри, на околу четири километри од брегот.