Тел Авив – Ефикасноста на вакцината на „Фајзер“ е 95 проценти, а шансата лицето што примило две дози да се зарази е една на 1.000, соопшти израелската здравствена служба Макаби. Од 620.000 Израелци што биле целосно вакцинирани, само 608 биле заразени со вирусот, објавија израелските медиуми. Повеќето од оние што примиле две вакцини и биле заразени со ковид-19 имале само благи симптоми или биле асимптоматски.

Вашингтон – Министрите за надворешни работи на САД, Германија, Франција и на Британија денеска ќе разговараат за иднината на историскиот нуклеарен договор постигнат во 2015 година со Иран, од кој Вашингтон се повлече во 2018 година. Со договорот потпишан меѓу Иран и четирите западни сили, заедно со Кина и со Русија, се предвидуваше ограничување на програмата за збогатување ураниум во Иран, а за возврат укинување на санкциите.

Берлин – Припадници на специјалните единици на германската полиција упаднаа во повеќе од 25 објекти во Берлин и во Бранденбург, како дел од акцијата против криминалниот арапски клан Ремо. Кланот е осомничен за трговија со дрога, која ја складирале во еден магацин во Бранденбург, ги префрлиле во буриња и ги превезувале во Берлин. За време на акцијата беше распишана потерница за апсење на едно лице за кршење на Законот за контрола на воено оружје.

Рим – Мандаторот за состав на новата италијанска влада, Марио Драги, вчера доби голема доверба од Горниот дом на парламентот. Тој беше поддржан од Сенатот со 262 гласа „за“ и 40 „против“, со два воздржани. Според најавите, сега треба да гласа и Долниот дом на парламентот и се очекува тој лесно да ја добие поддршка, откако помина убедливо во Сенатот. Новата влада е формирана по барање на италијанскиот претседател Серџо Матарела, кој побара Драги да ја води земјата низ пандемија и економска криза, објави АП.