Москва – Кремљ ги обвини западните дипломати дека се обидуваат да влијаат на судот во Москва, кој одлучува дали ќе ја претвори условната казна во затвор за опозицискиот политичар Алексеј Навални, јавија западните медиуми. Казнено-поправната служба на Русија тврди дека Навални ги прекршил условите за условна казна од пресудата за перење пари од 2014 година, што тој ја отфрли како политички мотивирана. Истата служба побара од Окружниот суд во Москва да ја претвори условната казна од три и пол години во една затворска.

Брисел – Амбасадорите на земјите од ЕУ усвоија нови ограничувања за патниците надвор од Унијата, а меѓу овие мерки, задолжителен е негативен тест за коронавирус. ЕУ ги затвори своите надворешни граници во март 2020 година, а во јуни направи список, кој редовно се ревидира и се однесува на патници од земји надвор од Унијата, кои не можат да патуваат во ЕУ, ако се оцени дека патувањето не е апсолутно потребно. Некои земји, како што е Франција, ги затворија своите граници во неделата, освен за итни патувања.

Канбера – Австралиските пожарникари деновиве се борат со големи шумски пожари, кои оштетија десетици куќи во близината на западниот град Перт, кој во моментов е блокиран поради коронавирусот. Изгореа неколку куќи, како и полиња во источен Перт, четвртиот по големина град во земјата, на околу 30 километри од центарот на градот, јави „Би-би-си“. Огнот се проширил на површина од 7.000 хектари и со периметар од 75 километри, изјави шефот на пожарникарите и службите за итни случаи, Крег Вотерс.

Виена – Австрија ќе го заостри режимот за влез во земјата, со намалување на исклучоците, како и со укинување на можноста за скратување на карантинот со негативен тест, најави министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер. На прес-конференцијата, Нехамер потсети дека на 19 декември е воведен построг режим за влез во земјата, како дел од епидемиолошките мерки, кој сега ќе биде дополнително заострен.