САД – На жителите на Вашингтон им било кажано да останат дома и виртуелно да ја следат инаугурацијата на 46-от претседател на САД, за да не ризикуваат инфекција со коронавирус. Наместо тоа, кренати се речиси 200.000 знамиња за да ги претставуваат граѓаните што нема да можат да дојдат оваа година. Повеќе од 20.000 припадници на Националната гарда, воени резервисти, го обиколуваат градот под оружје. Жичени огради и бетонски блокови се подигнати за да се заштитат спомениците, како Белата куќа и Капитол, или да се затворат главните патишта. Доналд Трамп е првиот претседател по Ендру Џонсон, во 1869 година, што одбил да присуствува на заклетвата на неговиот наследник.
Русија – Западните лидери побараа ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој беше уапсен во неделата, при пристигнувањето во Москва, по укажаната лекарска помош во Германија. Четириесет и четиригодишниот критичар на Путин и лидер на партијата Русија на иднината беше отруен со нервен агенс во Сибир минатиот август. Кремљ негира вмешаност.

Индија – Најмалку 13 работници мигранти што спиеле покрај автопат загинале откако ги прегазил камион во индиската држава Гуџарат. Камионот се судрил со трактор, при што возачот ја изгубил контролата и налетал на мигранти од северната држава Раџастан што спиеле покрај патот по целодневната работа. Според владиниот извештај, уште шест мигранти се сериозно повредени.
Јапонија – Во вториот бран од пандемијата на коронавирусот е зголемена стапката на самоубиства во Јапонија, и тоа особено кај жените и децата, иако при првиот бран имаше пад, покажа истражувањето. Стапката на самоубиства во јули и октомври лани се зголеми за 16 проценти, што претставува голем пресврт во однос на февруари и јуни, кога опадна за 14 проценти, се наведува во студијата на Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг и Токискиот институт за геронтологија.