Вашингтон – Лидери на Конгресот на САД се согласија на план од речиси 900 милијарди долари за помош на економијата уништена од пандемијата на коронавирусот. По повеќемесечни неуспешни преговори, лидерите на Претставничкиот дом и на Сенатот изјавија дека конечно постигнале двопартиски договор за пакетот што ќе има доволно поддршка од демократите и републиканците во два дома на Конгресот. Се очекува овој пакет да биде комбиниран со сметка од 1,4 илјада милијарди долари, за да се финансира Владата за фискалната 2021 година.

Багдад – Неколку ракети ја погодија силно чуваната зелена зона во Багдад, предизвикувајќи мала штета, каде што е сместена американската амбасада. Како што јавуваат западните медиуми, „забранета група“ лансирала осум ракети насочени кон зелената зона, каде што се сместени амбасадите и владините згради. Повеќето ракети паднале во близината на празен станбен комплекс и контролен пункт, при што било повредено едно лице, јави Ројтерс. Амбасадата на САД соопшти дека нејзините одбранбени системи ги пресретнале ракетите и ја повика ирачката влада да преземе мерки за да се спречат ваквите напади од страна на милитантните групи.

Токио – Владата на јапонскиот премиер Јошихиде Суга го одобри деветтото последователно зголемување за трошоците за војската, за да се финансира развојот на напреден борбен авион со стелт-технологија, како и антибродска ракета со долг дострел, за да одговори на воената моќ на Кина. Јапонското министерство за одбрана ќе добие рекордни 51,7 милијарда долари за следната година, почнувајќи од април, што е 1,1 процент повеќе од оваа година, пренесува Ал џезира.

Москва – Додека другите европски земји воведуваат карантини, полициски часови или работа на угостителите до одредено време, во Москва се планираат прослави. Сергеј Собјанин, градоначалникот на Москва, најави дека ќе стапат во сила нови мерки, но тие нема да им го одземат празничниот дух на жителите на руската престолнина, бидејќи подразбираат одржување градски прослави и новогодишни базари, само со намален капацитет. Во меѓувреме, во земјата се забранети масовни собири, а укинати се и препознатливите огромни новогодишни базари поради пандемијата.