Картум – Повеќе од 40.000 бегалци од Етиопија пристигнаа во Судан од 10 ноември, бегајќи од офанзивата на владините сили во регионот Тиграј, соопшти Високиот комесаријат за бегалци УНХЦР. Границата со Судан ја преминале 40.277 Етиопјани, од кои 45 проценти се деца под 17 години, 51 процент се возрасни лица под 59 години, а четири проценти се стари лица, соопшти УНХЦР, додавајќи дека 53 проценти од бегалците се мажи, а 43 проценти се жени. Агенцијата наведува дека повеќе од 3.000 луѓе одат во Судан секој ден и оти во следните неколку месеци бројот на бегалци може да достигне до 100.000 ако не запрат конфликтите.

Вашингтон – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 23 ноември го одобри почетокот на транзицијата кон тимот на избраниот претседател Џо Бајден, речиси три недели по изборите. Трамп рече дека се согласува со одлуката на федералната агенција да ја започне транзицијата. Претходно, Емили Марфи, шефицата на малку познатата администрација за општи услуги ГСА, го извести Бајден дека официјално може да почне неговата транзиција пред инаугурацијата на 20 јануари.

Пекинг – Кина испрати сонда на Месечината, која се очекува да собере карпи од Месечината и да се врати на Земјата, во првата ваква операција во светот по повеќе од 40 години. Ракетата со сондата беше лансирана од вселенскиот центар Венчанг, на јужниот тропски остров Хајнан. Мисијата „Чанг е 5“, именувана по божицата на Месечината во кинеската митологија, е досега најамбициозната кинеска мисија на Месечината. Доколку биде успешна, тоа ќе биде голем чекор напред за вселенската програма на Кина, а некои експерти велат дека тоа може да биде подготовка за земање примероци од Марс, па дури и за мисии на Месечината со екипаж.

Москва – Руски воен брод го пронајде американскиот разорувач „Џон Мекејн“ во руските територијални води во Јапонско Море и го протера, соопшти руското министерство за одбрана. Како што пренесува АП, Москва објави дека рускиот разорувач „Адмирал Виноградов“ вербално го предупредил американскиот воен брод и се заканил дека ќе употреби сила ако не ја напушти областа. Веднаш по предупредувањето, американскиот брод се врати во неутралните води, се вели во соопштението на руското министерство.