Кабул – Новинарот на РСЕ, Илјас Даје, беше убиен вчера во авганистанската провинција Хелмад, откако експлодирала бомба поставена на неговиот автомобил. Омер Зак, портпарол на гувернерот на провинцијата, за РСЕ изјави дека бомбата прикачена на автомобилот на Даје го убила новинарот и повредила уште тројца, вклучувајќи го и неговиот брат. Никој сè уште не ја презеде одговорноста за нападот. Инаку 33-годишниот Даје работеше за Радио Слободна Европа во Авганистан, локално познато како Радио Азади.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, е хоспитализиран, откако минатата недела беше позитивен на ковид-19, но, според неговиот портпаролот, не е во сериозна состојба. Како што соопшти портпаролот на Зеленски, украинскиот претседател прво бил дома, но одлучил да оди во болницата „Феофанија“, за да биде во изолација и да не загрози некој друг.

Виена – Австрискиот парламент вчера донесе одлука за продолжување на „полицискиот час“. Со гласовите на владејачките партии, Австриската народна партија (ОВП), зелените, како и Социјалдемократската партија (СПО), парламентот го прифати предлогот на министерот за здравство Рудолф Ансобер. Второто „затворање“ на Австрија, што е во сила од почетокот на овој месец, засега не го запре драматичниот раст на нови инфекции, па затоа, како што нагласија австриските власти, потребно е продолжување.

Вашингтон – Доналд Трамп е прогласен за победник на државата Алјаска на претседателските избори во САД, победа што нема да го промени вкупниот исход на гласањето. Американските медиуми го објавија ова врз основа на вкупниот број гласови и проекциите заклучно со 11 ноември, осум дена по завршувањето на гласањето. Со трите гласа во Изборниот колеџ на Алјаска, вкупниот број на Трамп се искачи на 217, далеку зад неговиот демократски ривал, избраниот претседател Џо Бајден, кој веќе има 279, девет повеќе од прагот потребен за прогласување на победникот на изборите