Бишкек – Централната изборна комисија на Киргистан ги поништи резултатите од парламентарните избори одржани на 4 октомври, исполнувајќи ги барањата на илјадници демонстранти што излегоа на улиците и упаднаа во државните згради, велејќи дека партиите на естаблишментот победиле преку купување гласови. Кабинетот на претседателот Соронбаи Јенбеков, претпладне соопшти дека земјата е под „негова контрола“, но нема информации каде е тој во моментов.

Копенхаген – Данската либерално-конзервативна партија Венстре и владејачката Фарска унионистичка партија тврдат дека Фарските Острови сè повеќе се притиснати во однос на безбедносната политика. За да се зацврсти ставот на малиот архипелаг, тие предлагаат поставување радар на НАТО и зона на слободна трговија со ЕУ, пренесува „Спутник“. Според Венстре, Фарските Острови треба да бидат ослободени од зависноста од Русија.

Токио – Шефовите на дипломатиите на Соединетите Американски Држави, Индија, Австралија и на Јапонија, во Токио ќе имаат ретка можност за директни разговори и за справување со коронавирусот и за зајакнување на соработката. Четирите земји во последниве години формираа стратегиска групација – позната како „Квадрат“, за да биде противтежа на Кина. На состанокот, покрај јапонскиот домаќин, министерот за надворешни работи Тошимитсу Мотеги, деновиве ќе учествува и државниот секретар на САД, Мајк Помпео.

Брисел – Дваесет и вториот самит меѓу Европската Унија и Украина е прв билатерален самит што се одржува директно во Брисел од избувнувањето на пандемијата на ковид-19. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ќе ја претставуваат Европската Унија, додека претседателот Володимир Зеленски ќе ја претставува Украина. На самитот ќе учествува и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
.