Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, објави дека е во самоизолација затоа што била во контакт со лице заразено со коронавирусот. Во порака објавена на Твитер, Фон дер Лејен изјави дека била известена дека на состанокот на кој била и таа присуствувало лице за кое било потврдено дека има коронавирус. Фон дер Лејен беше негативна за коронавирус во четвртокот, вчера требаше да помине уште еден тест, јави АП. Доколку тестот е негативен, претседателката на Европската комисија најави дека наскоро ќе излезе од самоизолација.

Кабул – Осум лица беа убиени во самоубиствен напад со автомобил бомба, чија цел беше Рахматулах Јармал, гувернерот на покраина во источен Авганистан, јавува Си-ен-ен, повикувајќи се на информации од локалните медиуми. Во извештаите се наведува дека меѓу загинатите има четворица цивили. Во овој момент состојбата на гувернерот не е позната бидејќи официјалните лица не ги потврдија локалните извештаи дека тој бил полесно ранет во бомбашкиот напад во провинцијата Лагман.

Велингтон – Премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн, објави укинување на мерките воведени во Окланд за борба со вториот бран на епидемијата на коронавирусот. Таа рече дека нејзината земја повторно го победила вирусот. Нов Зеланд целосно го запре првиот бран на коронавирусот благодарение на строгите мерки и таа земја забележа серија од 102 дена без новозаразени лица.

Прага – Во услови на пандемија на ковид-19 и неодамнешен наплив на случаи на коронавирусот, Чешка од вчера е во вонредна состојба. Чешкиот министер за здравство, Роман Примула, информира за одлуката на Владата од минатата недела, наведувајќи дека таа ќе биде помалку строга во споредба со порано. Општо земено, мерките ќе бидат помалку строги во споредба со пролетните. Особено продавниците, кафулињата или, на пример, границите нема да бидат затворени. Владата има намера да ја зачува економијата што е можно повеќе.