Русија – Москва е подготвена „целосно да соработува“ со Германија во случајот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, за кого Берлин тврди дека бил отруен со нервен гас „новичок“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Потврдуваме дека сме подготвени и заинтересирани за целосна соработка и размена на информации на оваа тема со Германија – рече тој.
Песков истакна дека Германија официјално не ја известила Русија за нејзините заклучоци, пренесува „Хина“, повикувајќи се на руската агенција „РИА новости“.

Јапонија – Товарен брод со 43 члена на екипажот и 5.800 грла добиток исчезна во бурата крај северозападниот брег на Јапонија, откако крајбрежната стража примила сигнали за помош, објавија локалните медиуми во четвртокот. Јапонската крајбрежна стража во средата ноќта спасила филипински член на екипажот, но другите 43, од кои 38 Филипинци, двајца Австралијци и двајца Новозеланѓани, сѐ уште не се пронајдени.

САД – Седум години откако американскиот свиркач Едвард Сноуден предупреди на масовно следење на телефонските записи на Американците, Апелацискиот суд пресуди дека програмата е незаконска и дека шефовите на разузнавачките служби на САД, кои јавно ја бранеле програмата, не ја кажувале вистината. Апелацискиот суд во пресудата соопшти дека нелегалната телефонска мрежа, која тајно собирала милиони телефонски записи на Американци, го прекршила Законот за надзор на разузнавачката служба и можеби е неуставна.
Сноуден, кој избега во Русија по откритието во 2013 година и сè уште се соочува со обвиненија за шпионажа од САД, објави на Твитер дека пресудата ја потврдува неговата одлука да излезе во јавноста со докази за домашната операција на прислушување на Агенцијата за национална безбедност (НСА).

Словачка – Словачкиот суд донесе одлука дека влијателниот претприемач Маријан Кочнер не е виновен во случајот на убиството на истражувачкиот новинар Јан Куциак. Судот прогласи виновен еден од обвинетите за учество во двојното убиство, но не нашол докази дека ликвидацијата ја нарачал бизнисменот Кочнер.
Новинарот Јан Куциак и неговата вереница Мартина Кушнирова, двајцата 27-годишни, се убиени од огнено оружје во нивниот дом близу главниот град Братислава во февруари 2018 година.

Франција – Бројот на новозаболени од ковид-19 во Франција поставува нови рекорди, како и бројот на хоспитализирани лица на интензивна нега, што расте најбрзо во последните два месеци.
– Вирусот се шири низ целата земја – се вели во соопштението на француските санитарни власти. Изминатиот ден се пријавени 7.017 нови случаи во земјата, нешто под рекордните 7.578 случаи на 31 март, што е само третпат со повеќе од 7.000.