Бејрут – Хемиски експерти и пожарникари работат на обезбедување на најмалку 20 потенцијално опасни контејнери со хемикалии во пристаништето во Бејрут, уништено во експлозија, откако откриле дека еден истекува, изјавил за АП, членот на францускиот тим, поручник Ентони. Овој француски експерт за хемикалии, како што појаснува АП, нема надлежност да го каже своето полно име во согласност со владината политика.

Велингтон – Нов Зеланд повторно воведува блокади откако 102 дена во таа земја немаше ниеден регистриран случај на локална трансмисија на коронавирусот. Како што јавува „Скај њуз“, првите четири случаи на новозаразени се регистрирани во Окленд. Премиерката Јасинда Ардерн вчера соопшти дека во Окленд веднаш ќе биде воспоставена блокада, која ќе биде во сила најмалку до петок на полноќ. Во остатокот на земјата се крева нивото на тревога и се воведува блокада од втор степен.

Техеран – Иранските власти вчера соопштија дека во изминатите неколку месеци уапсиле петмина Иранци под обвинение за шпионажа. Како што јавува „Би-би-си“ тие се товарат дека шпионирале во корист на Израел, Велика Британија и на Германија. Иранските власти наведоа дека двајца од уапсените веќе се осудени на затворски казни.
Багдад – Конвој што пренесувал опрема за американски единици бил цел на експлозија што се случила во близината на граничниот премин меѓу Ирак и Кувајт околу 21 часот вчера по локално време, соопштија властите, пренесе АП. Првично не било јасно дали во конвојот имало американски војници и дали има повредени во експлозијата, додека ирачката страна негира дека се случил инцидентот. Малку познатата ирачка шиитска милициска група по име Ашаб ал Кахф ја презеде одговорноста за нападот и објави видео со кое се гледа експлозијата во далечина.