Подготвил: Дејан Србиновски

Варшава – Актуелниот претседател на Полска, Анджеј Дуда, вчера ја положи заклетвата за втор мандат пред Националното собрание. Седницата на двете комори на полскиот парламент ја свика претседателката на Сејмот, долниот дом, Елжбиета Витек. Анджеј Дуда го порази градоначалникот на Варшава, либералот Рафал Тшасковски, кој беше кандидат на најголемата опозициска партија, во вториот круг од претседателските избори на 12 јули, освојувајќи 51,03 процент од гласовите против 48,97 проценти што ги доби неговиот противник.

Вашингтон – Американскиот демократски кандидат за претседател Џо Бајден нема да оди во Милвоки за лично да ја прифати официјалната номинација на неговата партија поради загриженоста од коронавирусот. Организаторите на конвенцијата на Демократската партија, која ќе се одржи од 17 до 20 август, објаснија дека тие ја донеле таа одлука по консултациите со службениците за јавно здравје. Бајден ќе одржи говор во кој и официјално ја прифаќа номинацијата од американската држава Делавер, каде што живее.

Пјонгјанг – Во Северна Кореја е тестиран првиот сомнителен случај на коронавирус, но резултатите не се јасни, изјавил претставникот на СЗО во земјата, докторот Едвин Салвадор, јави АП. Тој, како што наведува агенцијата, не објаснил детално зошто резултатите од тестот се сметаат за нецелосни. Во тек е следење на контактите на лицето за кое се сомнева дека е позитивно на вирусот, а идентификувани се 64 директни контакти и 3.571 секундарен контакт. Тие ќе бидат во карантин 40 дена, во објекти на Владата.

Вашингтон – Социјалната мрежа Твитер му забрани на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи да испраќа пораки на Твитер сè додека не го повлече видеото во кое претседателот уверува дека децата не можат да бидат заразени со коронавирусот. Според портпаролот на Твитер, оваа порака ги крши регулативите на мрежата за дезинформации за ковид-19. Во исто време, Фејсбук, од друга страна, го повлече видеото од сметката на шефот на државата, затоа што, како што се тврди, вклучува лажни тврдења дека една група луѓе не можат да се заразат од ковид-19.