Подготвил: Дејан Србиновски

Вашингтон – Белата куќа потврди дека претседателските избори во САД, закажани за 3 ноември, нема да бидат одложени. Шефот на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп, за телевизијата Си-би-ес изјави дека изборите ќе се одржат на 3 ноември и дека сегашниот претседател ќе победи, пренесува „Ројтерс“. Минатиот четврток Трамп предложи одложување на изборите, наведувајќи дека гласањето на голем број гласачи по пошта ќе влијае врз регуларноста на изборите. Идејата веднаш беше отфрлена од демократските и од републиканските законодавци во Конгресот, единственото тело што може да донесе таква одлука.

Кабул – Над 20 лица се убиени, а 42 повредени во нападите на Исламска држава врз затвор во источен Авганистан, се вели во соопштението на локалните власти објавено вчера изутрината во кое се наведува дека борбата меѓу екстремистите и авганистанските безбедносни сили продолжува. Нападот врз затворот во Џалалабад, главниот град на провинцијата Нангар, следуваше по експлозија на автомобил бомба. Се стравува дека бројот на жртвите ќе биде поголем.

Лондон – Фармери во Велика Британија и во САД веќе некое време примаат чудни пакувања со семиња од Кина во пошта што не ја нарачале, пишува британски „Метро“. Не е целосно јасно зошто луѓето ги примаат, но во САД веќе е издадено предупредување поради семето. Несаканите пакувања често имаат натпис на кинески јазик во кој се наведува дека внатре има накит, најверојатно за да се избегнат проверки на биосигурност или дополнителни трошоци. Иако повеќето пакувања пристигнуваат во САД, од кои 630 на Флорида, луѓето во Англија исто така започнаа да примаат слични пратки.

Канбера – Австралиската сојузна држава Викторија прогласи состојба на катастрофа и воспостави ограничувања од четврта фаза, вклучувајќи и полициски час за вториот по големина град Мелбурн. Како што пренесуваат западните медиуми, полицијата и војниците ќе го надгледуваат полицискиот час во Мелбурн од 20 часот навечер до 5 часот наутро, кој започна вчера и ќе трае секој ден најмалку уште шест недели.