Виена – Вчера во австриската престолнина започнаа тридневни разговори за контрола на нуклеарното оружје меѓу официјални претставници на САД и на Русија. За време на првата рунда разговори минатиот месец, САД и Русија разговараа за последната преостаната контрола на нуклеарното оружје, Новиот договорот за стратегиско оружје (Нов СТАРТ), со кој се опфаќа бројот на распоредени нуклеарни боеви глави со долг дострел. Разговорите доаѓаат по еднодневниот дијалог за безбедноста во вселената на 27 јули, прв на темата што ја водат двете држави од 2013 година.

Сана – Агенциите за помош предупредуваат дека илјадници луѓе во Јемен би можеле да починат од колера, бидејќи се премногу исплашени да побараат лекување во здравствените институции, кои се пренатрупани со инфицирани со коронавирус, пренесе АП. Во Јемен, земја разурната од војна, која се соочува со недостиг од храна, од јануари до април годинава се регистрирани околу 110.000 случаи на колера. Во исто време, според АП, расте и загриженоста од недостигот од храна поради пандемијата.

Вашингтон – Вработените во „Гугл“ ќе работат од дома најмалку до јули следната година, објави „Волстрит џурнал“. Извршниот директор Сундар Пичаи ја донел оваа одлука по состанокот на директорите на компанијата. Новата одлука се однесува речиси на сите 200.000 вработени во „Гугл“, и за оние со полно работно време и за оние што се хонорарно ангажирани. „Волстрит џурнал“ наведува дека Пичаи особено сака да им помогне на работниците што мора да се грижат за децата затоа што е неизвесно дали училиштата ќе бидат отворени.

Лондон – Кај една мачка во Велика Британија е потврдена зараза со коронавирус. Управителката на ветеринарната служба, Кристин Мидлемис, изјави дека станува збор за редок случај во кој мачка е заразена со коронавирус. Мачката била заразена од нејзините сопственици, кои биле позитивни на тестот. Во меѓувреме сите оздравеле, дури и мачката, пишува „Индипендент“.