Сеул – Северна Кореја вчера ја дигна во воздух канцеларијата за врски со Југот во пограничниот град Каесонг, соопшти Министерството за обединување на Јужна Кореја, по неколкуте денови остра реторика од Пјонгјанг. Севернокорејската државна новинска агенција го потврди уништувањето на канцеларијата. Претходно, портпаролот на јужнокорејското министерство, кој се занимава со односите меѓу двете Кореи, им ја испратил на новинарите пораката што ја добил од Северна Кореја во која било наведено дека канцеларијата за врски ќе биде разнесена во 14.49 часот.

Вашингтон – Телото на американскиот пилот било пронајдено откако неговиот борбен авион од типот „Ф-15 игл“ се урна во Северно Море, јавија американските медиуми. Авионот се урна завчера на тренинг-мисија од базата во која се сместени американските сили во источна Англија. Во извештаите на медиумите за несреќата се додава дека пилотот бил „лоциран и оти е починат“.

Кашмир – Тројца индиски војници се убиени завчера во оружен судир на кинеската граница, соопшти официјален Њу Делхи. Индиската армија, по неколкунеделните тензии по должината на границата помеѓу двете држави рече дека загинале еден офицер и двајца војници. Високи воени претставници на двете армии во моментов се состануваат на местото на настанот за да ја смират ситуацијата, пренесува „Дојче веле“.

Вашингтон – Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) го повлече одобрението за употреба на антималаричните лекови, хидроксихлорокин и хлорокин, за третман на пациенти со коронавирус, јави „Ројтерс“. ФДА, повикувајќи се на извештаи за срцеви компликации, соопшти дека недокажаните придобивки од користењето на овие лекови не ги надминуваат познатите и потенцијалните ризици. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека другите земји доставиле „одлични извештаи“ за ефикасноста на антималаричниот лек кај коронавирусот.

Подготвил: Дејан Србиновски