Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека турските научници успешно го произвеле лекот „фавипавир“, кој се користи како терапија за ковид-19. Ердоган исто така најави продолжување на ублажувањето на рестрикциите воведени за спречување на ширењето на новиот коронавирус, објави агенцијата „Анадолу“.

Вашингтон – Погребан е Џорџ Флојд, Афроамериканецот чија смрт во полициски притвор ги поттикна повиците за промена во американскиот кривичен систем и предизвика антирасистички протести во светот. Поранешниот потпретседател Џо Бајден, можниот кандидат на демократите на претседателските избори, на комеморацијата во црквата во Хјустон порача дека смртта на Флојд ќе ја активира расната правда низ целата земја.

Кабул – Седуммина рудари загинаа при уривање на рудник за јаглен во северен Авганистан, што било предизвикано од експлозија на гас, соопштија локалните власти. Како што пренесуваат западните агенции, жителите и службите сѐ уште се обидуваат да ги извлечат рударите, но засега оди тешко. Ваквите несреќи не се невообичаени во земја каде што рударите честопати работат без заштитна опрема и обука за безбедност.

Вашингтон – Работодавците во САД во април отпуштиле 7,7 милиони луѓе, што е знак за длабочината на рецесијата предизвикана од пандемијата, пренесуваат американските медиуми. Министерството за труд на САД објави дека во април екстремно опаднале понудите за работни места и за вработување. Како што се наведува, бројот на понудени работни места се намалил 16 проценти од март, на пет милиони, а бројот на оние што се вработиле во текот на април е намален 31 процент, односно на 3,5 милиони. По отпуштањето 11,5 милиони луѓе во март, лошите резултати во април значат дека американската економија навлегува во рецесија.

Подготвил: Дејан Србиновски