Вашингтон – Белата куќа уште минатата недела барала на улиците на Вашингтон и другите американски градови да бидат распоредени околу 10.000 активни војници за да ги прекинат протестите, но тоа барање било отфрлено, пренесува Си-би-ес. Mинистерот за одбрана Марк Еспер и началникот на Здружениот генералштаб, генерал Марк Мајли, не го исполнија барањето на Белата куќа, рекол висок претставник за телевизијата. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја испрати армијата на САД да ги задуши протестите ако властите во градовите и во сојузните држави не ја стават ситуацијата под контрола. Илјадници припадници на Националната гарда, резервниот состав на армијата, веќе се распоредени по улиците на американските градови.

Бразилија – Регионалните здравствени власти во Бразил ја обвинија владата на Жаир Болсонаро дека го крие точниот број на починати од коронавирус. Бразил ги отстрани податоците за бројот на заболени и починати од коронавирус од владиниот сајт, по што беше критикуван за начинот на кој претседателот Болсонаро се справува со епидемијата. Министерството еден ден претходно престана да објавува вкупен број на жртвите од коронавирус во Бразил и го дава само бројот на починати во изминатите 24 часа, наведува Би-би-си. Регистрирани се над 670.000 заболени, а се претпоставува дека тој број е многу поголем поради недоволно тестирање. Бразил е на третото место во светот по бројот на жртви од ковид-19, со над 35.000 починати.

Пекинг – Кинеската влада трошела во просек околу 23.000 јуани (околу 3.200 долари) за лекување пациент од коронавирус со пневмонија, се наведува во „Белата книга“ што ја објави кинескиот Државен совет, под наслов „Борба против ковид-19: Кинеска акција“. Во документот на Советот се вели дека до 31 мај медицинските сметки за 58.000 пациенти со потврдена дијагноза се покриени од нивното основно здравствено осигурување. Вкупната цена за тоа изнесува 1,35 милијарда јуани, или 23.000 јуани по лице. Во него се наведува и следното: „Просечната сума за лекување сериозно болен пациент надминува 150.000 јуани (околу 21.200 долари). Во некои критични случаи, трошокот надминува милион јуани (околу 141.000 долари). Сите тие беа покриени од државата“. Кина посочи оти досега издвоила 23 милијарди долари за лекување и превенција од болеста, како и други мерки за борба против епидемијата.

Тел Авив – Илјадници Израелци викендов протестираа против планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за анектирање делови од окупираниот Западен Брег, територии што Палестинците ги сакаат во својата идна држава.