Вашингтон – Научник од Американската воена програма за истражување заразни болести рече дека е оправдано да се очекува дека до крајот на годината ќе биде достапна одредена форма на вакцина против коронавирус за дел од населението во САД.

Стокхолм – Главниот шведски епидемиолог, кој стои зад стратегијата земјата да не применува строги мерки против ковид-19, призна дека требало да се воведат повеќе ограничувања за да се спречи ширењето на коронавирусот. Со месеци Андерс Тегнел го бранеше својот пристап, поради кој Шведска не се затвори како другите земји, како поодржлив, критикувајќи ги другите за нивните премногу ограничувачки мерки.
Женева – Светската здравствена организација јавно ја фалеше Кина за, како што рече, брзата реакција на пандемијата на новиот коронавирус. Таа во неколку наврати ѝ се заблагодаруваше на кинеската влада што „веднаш“ ја споделила генетската мапа на вирусот и рече дека нејзината работа и посветеност кон транспарентноста се „мошне импресивни и неискажливи“. Но зад сцената, приказната била многу поинаква, со големи доцнења од Кина и огромна фрустрација кај претставниците на СЗО поради недобивањето на потребните информации за борба против ширењето на вирусот, открива Асошиејтед прес. Кина ги негираше наводите на новинската агенција.

Берлин – Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, ги поддржа протестите во САД против полициските убиства и расизмот. Според него, протестите против расизмот се разбирливи и се повеќе од легитимни. Тој изрази надеж оти повеќе нема да бидат насилни, како и дека ќе влијаат врз состојбата во САД. Смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во полициски притвор, Мас ја нарече „грозна и шокантна“ и повика на разјаснување на случајот. Тој побара и истрага за нападот на новинарската екипа на Дојче веле во Минеаполис.

Вашингтон – Полицајците што отвораат оган врз луѓе што претставуваат опасност треба да им пукаат во нога, а не во срцето, изјави поранешниот потпретседател на САД и актуелен демократски кандидат за Белата куќа, Џо Бајден. Претходно Бајден изјавуваше дека треба итно да се усвои закон за забрана на полицајците да користат методи на задушување. Актуелниот претседател Доналд Трамп смета дека Бајден е премногу слаб „да ги победи антихристите, крадците и оние што предизвикуваат безредија и немири“.