Нагасаки – Крузерот „Коста Атлантика“, на кој е потврден коронавирусот кај повеќе од 100 лица, го напушти јапонското пристаниште Нагасаки и патува за Филипините, објавија локалните власти. Италијанскиот брод го напушти пристаништето Нагасаки по еден месец карантин. „Коста Атлантика“ е вториот брод на кој се потврдени случаи на коронавирус и кој мораше да остане во Јапонија некое време. Бродот тежок 86.000 тони се закотви на крајот на април поради одржување, без патници и со 623 члена на екипажот. Повеќето беа сместени во карантин на бродот, откако беше потврден коронавирусот кај 149 члена на екипажот.
Британија – Како што мерките за ограничување на движењето во Британија и во остатокот од Европа се олеснуваат така расте побарувачката за велосипеди, Линколн Ромен, директор на „Брикстон сајклс“, тврди дека навалицата била толку голема што нивните резерви се потрошиле. Откако ги попуштија мерките, Британија и другите земји ги охрабруваат луѓето да избегнуваат јавен превоз при враќање од работа. Секретарот за транспорт, Грант Шапс, вели дека многумина послушале.

Никозија – Кипар ќе почне повеќејазична СМС-кампања за да ги одврати мигрантите да доаѓаат на островот поради погрешно убедување дека ќе дојдат на континентот преку оваа членка на EУ, рече министерот за надворешни работи Никос Нурис. Тој за „Асошиејтед прес“ изјави дека кампањата има цел да ги разбие погрешните убедувања на мигрантите пропагирани од трговците со луѓе дека нивниот статус на баратели на азил во Кипар ќе биде „билет“ за другите европски земји. Тој нагласи оти мигрантите што доаѓаат на Кипар се „заробени“ на островот затоа што оваа земја не е дел од шенген-зоната. Со над милион жители, Кипар има најголем процент мигранти во рамките на ЕУ меѓу земјите што беа први погодени од бегалскиот бран.

Вашингтон – САД му испратија на Бразил два милиони дози хидроксихлорокин, лек против маларија што се користи против ковид-19, а за кој здравствени експерти велат дека во комбинација со антибиотици би можел да има фатални последици. Еден од поборниците за лекот е и американскиот претседател Доналд Трамп, кој откри дека го земал веќе неколку недели како заштита од ковид-19. Поддржувач е и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.