Ел Салвадор – Претседателот на Ел Салвадор Наџив Букеле издаде наредба, со која им се дозволува на полицијата и на војската да користат „смртоносна сила“ во самоодбрана при справувањето со членовите на бандите за време на пандемијата на коронавирусот. Букеле одговори на својот профил на Твитер по драматичното зголемување на убиствата во текот на викендот, истакнувајќи дека ги одобрил мерките затоа што криминалците го искористиле фокусот на властите за борба против ширењето на вирусот, јави Си-ен-ен.

Техеран – Лажното верување дека метанолот може да излекува од коронавирусот уби повеќе од 700 Иранци, соопштија властите од Техеран, а пренесе АФП. Хосеин Хасаниан, советник на министерот за здравство, изјави дека ова е причината зошто податоците за бројот на починати од ковид-19 во Иран се разликуваат од оние во преостанатите земји. Жртвите од труење со метанол починале надвор од болниците. Со ова, според иранските власти, смртните случаи предизвикани од труење со алкохол се зголемени за 10 пати во споредба со минатата година во Иран.

Киев – Украинските пожарникари и вчера продолжија да се борат со серија пожари, кои настанаа во близината на одамна затворената нуклеарна централа во Чернобил. Станува збор за пожари што избувнаа пред еден месец, јави ТАСС. Државната служба за вонредни состојби соопшти дека пожарникари сѐ уште се обидуваат да ги изгаснат пожарите што беснеат во шумската околина на централата.

Москва – Русија вчера забележа нов рекорден дневен раст на новозаболени. Во последните 24 часа се евидентирани 6.411 новозаразени со коронавирусот, соопшти рускиот кризен штаб. Според штабот, бројот на заразени пациенти сега изнесува 93.558. Русија во последните 24 часа регистрираше и најголем број починати пациенти досега – 72, со што бројот на жртви од ковид-19 во Руската Федерација се искачи на 867.