Отава – Вооружен напаѓач маскиран во полицаец уби најмалку 16 луѓе во рурален дел на Канада, во најсмртоносното масовно пукање во историјата на земјата, јавија западните медиуми. Дванаесетчасовниот поход завршил со бркотница со автомобили, при што напаѓачот бил убиен во судир со полицијата. Тој убил луѓе на неколку локации во провинцијата Нова Шкотска, најчесто пукајќи без цел. Властите и натаму се обидуваат да го утврдат конечниот трагичен биланс на пукањето. Меѓу убиените е и полицајка со 23 години во службата.

Берлин – Германската полиција викендов употреби сила за да се справи со демонстрантите, кои среде пандемијата на коронавирусот излегоа да демонстрираат против физичката дистанца и полицискиот час. Некои од граѓаните излегле на улиците за да протестираат, како што тврдат, против „неразумните мерки“ воведени поради коронавирусот. Полицијата, според германските медиуми, привела десетина демонстранти.

Токио – Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени по Рихтеровата скала го погоди источниот брег на Јапонија, соопшти американскиот геолошки институт. Земјотресот се случил вчера утрината околу 5.39 часот по локално време. Епицентарот на земјотресот бил на 41,7 километар под нивото на морето и 50 километри од брегот на областа Мијаги, пренесе јапонската агенција „Кјодо“. Како што е соопштено, можноста за поголема штета е минимална и не е издадено предупредување за опасност од цунами.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да му помогне на Иран во борбата против коронавирусот, доколку Техеран го побара тоа. Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф завчера ја отфрли понудата на Трамп за помош во респиратори од Вашингтон за Техеран. Тој истакна дека Иран веќе има доволен број респиратори и дека за неколку месеци ќе може и да ги извезува.