Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави замрзнување на американските финансии за Светската здравствена организација, обвинувајќи ја за наклонетост кон Кина и критикувајќи ги нејзините насоки за справување со ширењето на коронавирусот. Сепак, Трамп набргу потоа се повлече и на новинарите им рече дека „ќе ја преиспита“ одлуката, признавајќи дека „можеби не е најдобро време“ да ѝ се укинуваат средствата на организацијата додека светот се бори со пандемија.

Брисел – Претседателот на Европскиот истражувачки совет на ЕУ, Мауро Ферари, поднесе оставка по само три месеци минати на функцијата, велејќи дека загубил верба во системот бидејќи поради политички поделби не успеал да понуди соодветен одговор на коронавирусот. Европската комисија изрази жалење за одлуката на Ферари, нагласувајќи дека е воспоставен најсеопфатен систем за борба против коронавирусот.

Ерусалим – Израел подигна обвинение против Израелец за шпионажа во корист на Иран и за подготовка на терористички напади. Израелските власти тврдат дека обвинетиот разговарал со иранските разузнавачки служби да регрутира израелски Арапи за извршување напади. Израел и Иран се во непријателски односи од иранската Исламска револуција во 1979 година.

Рим – Мост се урна во Италија додека на него сообраќале две товарни возила. Еден од возачите успеал да се спаси без повреди, а другиот е пренесен во болница. Засега е нејасно што е причината за уривањето на мостот во Тоскана, но медиумите посочуваат дека на него имало пукнатини по невреме во ноември. При уривање на мост во Џенова пред две години настрадаа 43 лица.