Лондон – Во неколку града во Велика Британија викендов беа запалени повеќе столбови за мобилна телефонија, а беа нападнати и инженери поради непотврдени теории за поврзаноста на коронавирусот и 5Г-мрежата, соопштија британските оператори за мобилна телефонија, јави Би-би-си. Откако на социјалните мрежи беа објавени фотографии од столбовите во пламен, операторите истакнаа дека ширењето такви гласини е загрижувачко. Запалени се столбови во Спракхил, Бирмингем и во Мелинг.

Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, побара да се донесе Маршалов план за Европа, за им се помогне на европските земји да се справат со разорните ефекти од коронавирусот. Претседателската Фон дер Лејен посочи дека планирањето и трошењето пари во Унијата треба да ја отсликаат потребата за солидарност и приспособување кон кризата со коронавирусот. За германскиот весник „Велт ам Зонтаг“, Дер Лејен вели дека Маршаловиот план за Европа треба да биде една масовна европска програма за обнова слична на американската за Западна Европа по Втората светска војна.

Мадрид – Шпанската полиција уапси маж во Мадрид што шетал среде улица гол до половина и вооружен со два меча, јавија светските агенции. На видеото што се појави на социјалните мрежи може да се види како шета на средина на улица, која, според информациите, се наоѓа во мадридската населба Мораталас, и како мавта со мачетите. На самото место стигнала полицијата и го уапсила. Според наводите од агенцијата „Еуропа прес“, која се повикува на извори во полицијата, напаѓачот тврдел дека е заразен со коронавирус.

Пекинг – Кина повеќе не е во првите пет земји во светот по бројот на заболени од коронавирус, јави АП. Како што пренесува агенцијата, во светот бројот на заразени лица со коронавирус е 1.203.859, бројот на починати е околу 64.787, од кои само 40.000 се во Европа. Засега се излекувани 247.301 лице во светот. Најголем број заразени се потврдени во САД, 311.637 лица. Вкупниот број на починати е 8.454, од кои најголемиот број во Њујорк, вкупно 3.565. Како што јавува новинската агенција, Шпанија има најголем број заразени лица во Европа, вкупно 126.168, па следува Италија, со 124.632 потврдени случаи. Оваа земја покажува знаци на забавување на епидемијата, но ситуацијата останува критична.