Вашингтон – Глобалниот одговор на пандемијата на коронавирусот ќе чини над 7.000 милијарди долари, покажуваат најновите економски процени. САД, Европа, Јапонија, Кина и други држави во светот, односно нивните влади и централни банки, преземаат мерки за борба со економските последици од вирусот, кои вклучуваат јавни трошења, гаранции за заеми, даночни олеснувања и слично. Вкупните суми се поголеми од тие од кризата во 2008 година, но некои економисти сметаат дека и тие нема да бидат доволни.

Лондон – Британија нарача 10.000 респираторни машини од конзорциумот компании „Форд“, „Ербас“ и „Ролс-Ројс“ во рамките на борбата против последиците од коронавирусот. Земјите во светот се обидуваат да обезбедат што повеќе респиратори како што расте бројот на заразени со коронавирусот.

Пјонгјанг – Северна Кореја тестира два нови проектила, а јужниот сосед ја обвини дека провоцира во време на пандемија на коронавирус. Северна Кореја обично го зголемува бројот на ракетни тестови во пролет и во тоа не ја поколеба ниту глобалната криза со коронавирусот. Земјата досега не пријавила случаи на коронавирус, но експертите се сомневаат во податоците на Пјонгјанг.

Лисабон – Португалија ја критикуваше Холандија поради коментарите на министерот за финансии, Вопке Хоекстра, дека е потребно да се истражи прогласениот недостиг од буџетски капацитети на Португалија за справување со пандемијата. Премиерот на Португалија Антонио Коста ги опиша коментарите како „одвратни“ и спротивни на духот на ЕУ.

Париз – Начинот на кој ЕУ ќе реагира на коронавирусот ќе го одреди нејзиниот иден кредибилитет. Ако Европа претставува единствен пазар само во добри времиња, тогаш нема смисла, изјави министерката за европски прашања Амели де Моншален, откако блокот минатата недела не успеа да се согласи околу мерките за ублажување на економскиот удар. ЕУ се бори да договори координиран одговор на коронавирусот, што е најнов тест на солидарноста на Унијата откако беше потресена од брегзит, имигрантската и од должничката криза.