Мадрид – Посмртните останки на шпанскиот диктатор Франциско Франко беа преместени од големиот мавзолеј во мал гроб, точно 44 години по неговиот погреб. Преместувањето на посмртните останки на Франко беше едно од клучните ветување на социјалистичката влада, која порача дека Шпанија не треба да продолжи со величањето на фашистот што речиси четири децении владееше со земјата. Неговото семејство ја загуби судската битка околу повторниот закоп на Франко, чие наследство од владеењето и понатаму ја прогонува Шпанија.

Дака – Судот во Бангладеш осуди 16 лица на смрт поради убиството на 19-годишната студентка Нусрат Џахан Рафи, која жива беше запалена откако поднесе жалба за сексуално малтретирање. Убиството на Рафи ја шокира јавноста во азиската земја и доведе до серија протести. Судењето на нејзините убијци беше едно од најбрзите во историјата на Бангладеш, каде што процесирањето на таквите случаи обични трае неколку години.

Вашингтон – Американски конгресмени остро го критикуваа директорот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, поради политиката на компанијата против проверка на фактите во политичките реклами. Во сослушувањето пред Претставничкиот дом на Конгресот во Вашингтон, директорот на популарната социјална мрежа беше обвинет дека дозволува ширење политички дезинформации пред претстојните претседателски избори во САД во 2020 година. Закерберг исто така не можеше да потврди дали говорот на омраза од претседателските кандидати ќе биде отстранет од платформата.

Вашингтон – Група републикански конгресмени предизвикаа хаос во Конгресот, откако упаднале во просторијата каде што требало да почне сослушувањето зад затворени врати на претставникот на Пентагон, надлежен за Украина. Тој требало да сведочи за украинскиот скандал на претседателот Доналд Трамп, кој наводно побарал од украинскиот колега да почне истрага против неговиот главен изборен ривал од редовите на Демократската партија, Џо Бајден. Конгресмените насилно влегле во просторијата, извикувајќи: „Пуштете нѐ внатре“.