Трамп со осуда за прописите на Твитер

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја осуди социјалната мрежа Твитер затоа што, според него, им овозможила на талибанците да се рекламираат, додека неговиот профил бил укинат.

– Срамота е кога ќе помислите дека имате убијци и разбојници и диктатори и… некои навистина морничави диктатори, држави и на сите им е дозволено да зборуваат, но претседателот на САД, зад кого стојат стотици милиони луѓе, е исфрлен од мрежата – рече Трамп за „Њузмакс“ во телефонско интервју.

Дел од медиумите пренесуваат дека на портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид му било дозволено да ги ажурира податоците за напредокот на исламистите, опишувајќи како талибанските воени единици го освојуваат Кабул.

Другите платформи, како што е Фејсбук не дозволуваат коментари кои го слават насилството, а тоа важи и за терористичка група како што се талибанците, додава британскиот весник.

Но, до средата навечер, профилот на Муџахид на Твитер беше активен, со повеќе од 322.000 следбеници.

Портпаролот на компанијата „Твитер“ рече дека ситуацијата во Авганистан брзо се менува и дека луѓето во таа земја ја користат мрежата за да побараат помош.

Платформата трајно го укина профилот на Трамп на 8 јануари, по немирите што ги предизвикаа неговите поддржувачи во Капитол два дена претходно, а во тоа време имаше повеќе од 80 милиони следбеници.