Бившиот менаџер на претседателската кампања на Доналд Трамп, Пол Манафорт, тајно се сретнал со основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во еквадорската амбасада во Лондон. Средбата се случила краток период откако Манафорт се приклучил на кампањата на Трамп. Доколку се потврдат ваквите тврдења, тоа сигнализира директна врска помеѓу изборниот тим на актуелниот американски претседател и „Викиликс“, кој објави десетици илјади имејлови, кои наводно руски шпиони ги украле во текот на изборите во 2016 година. Трамп ги искористи тие мејлови за политички да поентира и да ја загрози тогашната ривалка на претседателските избори, Хилари Клинтон, пренесува „Гардијан“.

Од друга страна, пак, адвокатот на Асанж, Карлос Поведа, ги демантира тврдењата на „Гардијан“, додека, пак, „Викиликс“ на Твитер соопшти дека е „подготвен да се обложи со „Гардијан и неговиот главен уредник во милион долари“ дека Манафорт никогаш не се сретнал со Асанж.

Британскиот весник, повикувајќи се на два анонимни избори, наведува дека Манафорт првпат се сретнал со Асанж во еквадорската амбасада во Лондон во 2013 година, односно една година откако основачот на „Викиликс“ таму доби азил, за да ја избегне екстрадицијата во Шведска поради обвинението за силување. Според „Гардијан“, Манафорт ја посетил амбасадата и во 2015 и 2016 година.