Меланија Трамп го откажа првиот настап во последните неколку месеци во претседателската кампања на својот сопруг Доналд Трамп, пренесува Си-ен-ен. Таа го откажа настапот затоа што не се чувствува добро по заболувањето од коронавирусот.

ТВ-мрежата објави дека првата дама требаше да му се придружи на собирот на претседателот Трамп вечерва во Пенсилванија, но таа одлучи да не оди.

– Г-ѓа Трамп се чувствува подобро секој ден по закрепнувањето од ковид-19, но поради долга кашлица и како мерка на претпазливост, таа нема да патува денес – изјави Стефани Гришам, шефицата на канцеларијата на првата дама.

Меланија Трамп минатата недела изјави дека нејзините симптоми на Ковид-19 се појавиле одеднаш и изгледале како тобоган. Таа изјави дека има болки во телото, кашлање, главоболка и се чувствува многу уморно.