Првата дама на САД, Меланија Трамп, вели дека е загрижена поради спорната политика на раздвојување на семејствата при нелегално влегување во САД, нагласувајќи дека „мрази кога децата се одвојуваат од родителите“. Таа изрази надеж дека демократите и републиканците конечно ќе се договорат како да спроведат успешна имиграциска политика, јави Би-би-си.
Нејзините коментари доаѓаат по сѐ почестите критики против имиграциската политика со „нулта толеранција“ што ја спроведува администрацијата на нејзиниот сопруг и претседател на САД, Доналд Трамп. „Асошиејтед прес“ оценува дека е невообичаено за Меланија Трамп да се вмеша во жолчната политичка расправа по ова прашање, но и посочува дека таа не ја обвини директно политиката на „нулта толеранција“ на администрацијата на Трамп, која и доведе до пораст на бројот на деца што на границата меѓу САД и Мексико се одвојуваат од нивните родители.