Мексико повторно соопшти дека никогаш нема да плати за евентуалниот ѕид долж границата со САД чија изградба долго време ја ветува американскиот претседател Доналд Трамп.

Мексиканскиот министер за надворешни работи Луис Видегарај Касо на Твитер денеска напиша дека неговата земја „постигнала согласност со САД околу трговијата“ и оти се „многу позитивни изгледите за односите меѓу двете земји“, но оти е „апсолутно јасно дека Мексико никогаш нема да плати за ѕидот“.

Трамп вчера за време на состанокот со претседателот на светската фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино, рече дека за ѕидот „на крајот ќе плати Мексико, многу лесно“.

Изјавата на Трамп следуваше еден ден по откако САД и Мексико објавија дека постигнале прелиминирен договор за новиот трговски договор наместо Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА) во кој учествува и Канада.