Американскиот сенатор од Аризона Џон Мекејн (81), кој боледува од рак на мозокот, побарал од претседателот Доналд Трамп да не му доаѓа на погреб доколку наскоро почине, јави Њујорк тајмс.

Иако се сопартијци во Републиканската партија, Мекејн и Трамп имаат исклучително лоши меѓусебни односи, што кулминираше кога Мекејн го саботираше обидот на Трамп и републиканското мнозинство во Сенатот да го укинат пакетот здравствени реформи познат како Обамакер.

Ова беше негова одмазда откако Трамп, за време на предизборната кампања го критикуваше Мекејн велејќи дека „повеќе сака воени ветерани кои не биле заробени“. Мекејн, син на познатиот адмирал од Втората светска војна Џон Мекејн постариот, беше заробен во Виетнамската војна како пилот откако неговиот авион беше урнат над Ханој и помина шест години во виетнамски логор.

Според весникот, Мекејн побарал на неговиот погреб Белата куќа да ја претставува потпретседателот Мајк Пенс, а не претседателот Трамп.