Американскиот сенатор Џон Мекејн, кој почина во саботата, во политичкиот тестамент побарал на неговиот погреб говори да одржат поранешните американски претседатели Барак Обама и Џорџ Буш, и порачал дека не сака да присуствува актуелниот претседател на САД Доналд Трамп.

Во Вашингтон дури и смртта е политичка работа, нешто што сенаторот од Аризона добро го знаел, со оглед на тоа што испратил јасна порака до Белата куќа, откако и додека беше жив, говореше дека однесувањето на Трамп и неговиот популистички стил се спротивни на основните вредности на САД и светската улога која земјата треба да ја има, коментира Си-Ен-Ен.

Трамп само напиша твит во кој изрази сочувство, и додека членовите на неговото најблиско семејство ги глорифицираа карактерот и заслугите на Мекејн, претседателот не го направи тоа.

„Вашингтон пост“ објави дека Трамп одлучил Белата куќа да не издаде соопштение во кое се фали кариерата на Мекејн во Сенатот и во воената служба, како и фактот дека бил воен заробеник во Виетнам од каде сенаторот се вратил како херој.