Ким Јо-јонг

Со појавата на шпекулациите за судбината на Ким Јонг-ун на Интернет се јави и чудна опчинетост со помладата сестра на севернокорејскиот лидер, Ким Јо-јонг, која се спомнува и како негова можна наследничка, пишува „Форин полиси“.

Идејата дека 32-годишната Ким Јо-јонг наскоро ќе го преземе водството во Северна Кореја инспирираше разни фантазии. Бројни корисници на социјалните мрежи изразија бизарни желби да бидат измачувани од неа, други цртаа нејзини портрети прикажувајќи ја како хероина од аниме стриповите, или пак правеа видео-монтажи во кои Ким Јонг-јо наликува на корејска поп-ѕвезда.

– На бројни женски политички фигури им се суди според сексуалната посакуваност, на начин со кој нивните машки колеги ретко се соочуваат. Со насочување на вниманието кон Ким Јо-јонг претставено е вкрстување на овие еротски фантазии со потентната сила на Ориентот, во кое западната публика ги проектира фантазиите за непознатиот Исток, истовремено барајќи начин да ги интерпретира разбирливо преку симболи и генерализација  – пишува „Форин полиси“.

Во Источна Азија, при ваквата појава, не станува збор само за жените-лидери, туку за комбинацијата на нивната привленост и на општествата оквалификувани како опасни или мистериозни. Затоа не треба да чуди ниту фасцинираноста со Ким Јо-јонг која би можела да стане лидерка на најмистериозната нација во светот.

Од нејзиното деби на меѓународната сцена во 2018 за време на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Ким Јо-јонг во повеќе наврати беше окарактеризирана како „безопасен ангел“ но и како „застрашувачка жена-змеј“ од западните медиуми. Но, во изминатите неколку дена, медиумите се насочени кон нејзините „злобни мотиви“.

Уште еднаш, вознемиреноста на Западот поради непознатиот режим се претвора во страв и во фантазија, во комбинација со опчинетоста забележана на Интернет, која ќе опстојува се додека Северна Кореја останува мистериозна држава.