Стив Банон и Гуо Венгуи

Кога федералните агенти го уапсија поранешниот главен стратег на Белата куќа Стив Банон на брегот на Конектикат на 20 август, тој одмораше на луксузната 20-метарска јахта во сопственост на кинески милијардер, чии напори за добивање на азил во САД предизвикаа поделба меѓу најголемите сојузници на претседателот Доналд Трамп, пишува „Вашингтон пост“.

По апсењето на Банон вниманието главно беше насочено кон обвиненијата во кои се тврди дека тој измамил донатори со тврдењето дека непрофитна група приватно гради ѕид на американско-мексиканската граница. Но, партнерството на Банон со кинескиот бизнисмен Гуо Венгуи, на чија јахта тој живеел во изминатите неколку месеци, како што им кажал и на своите пријатели, доминира во кариерата на Банон по неговото напуштање на Белата куќа. Компанијата која е поврзана со двајцата е во фокусот на засебна федерална истрага, според повеќе извори на „Вашингтон пост“ упатени во истрагата.

Гуо кој избегал од Кина откако таму бил обвинет за примање на мито и други криминални прекршоци, создал однос со Банон по неговото напуштање на Белата куќа во 2017 година. Истовремено Гуо почнал кампања во која ја напаѓал корупцијата во Пекинг и како што тврди тој, политичкиот прогон против него.

Во изминатите неколку години компанија поврзана со милијардерот му дала договор за консултирање на Банон. Гуо јавно ветил да донира 100 милиони долари во фондација на чие чело е Банон. А неколку месеци пред апсењето, Гуо објави дека Банон ќе биде претседател на нова компанија за социјални медиуми која тој ја покренува.

За возврат Банон станал еден од најголемите поддржувачи на Гуо. Дури и кога другите критичари на кинеската влада беа скептични за тврдењата на Гуо оти е политичка жртва, Банон тврдел дека богатиот Кинез има вредни инсајдерски информации против Комунистичката партија на Кина. Банон додаде и дека САД му должат благодарност на Гуо поради неговата мисија против партијата.

Но се појавија назнаки дека федералните истражувачи ги испитуваат финансиските активности на Гуо во САД и во компанијата „ГТВ Медија груп“, за која тој наведе дека собрал 300 милиони долари од инвеститори, тврдат упатените во истрагата. Дел од инвеститорите се сомневаат дека биле измамени и веќе разговарале со ФБИ, според изворите на „Вашингтон пост“. Гуо во изјава истакна дека компанијата работела во согласност со американските закони додека ги собирала парите.

Банон не даде коментар за истрагата, а се изјасни за невин за обвиненијата против него, во однос на изградбата на ѕидот.

Во меѓувреме Гуо е дел од уште една истрага која се засилува. Станува збор за случај во кој милијардерот е окарактеризиран како цел на неуспешен обид за лобирање на администрацијата на Трамп за негова екстрадиција во Кина. Упатени анонимни извори на американскиот весник истакнале дека во американската влада се воделе интерни разговори за ова прашање, со што се јавиле поделени ставови.

Интерпол издаде „црвена потрерница“ за Гуо во 2017 година зголемувајќи го притисокот за негова екстрадиција во Кина. Гуо ги негираше обвинувањата и побара азил во САД, а Кина јасно им стави до знаење на Американците дека бара Гуо да биде испорачан. 

Сојузништвото на Банон со Гуо е во согласност со неговата националистичка порака и ставовите кон Кина, но многумина сметаат и дека се должи на финансиската корист. Гуо кој се занимава со недвижности и инвестирање, своевремено беше 73-от најбогат човек во Кина. Падот на Гуо се случи кога неколкумина негови блиски соработници беа приведени во антикорупциска акција во Кина во 2014 година. Бизнисменот ги отфрли обвинувањата и избега во Њујорк, сместувајќи се во апартман вреден 67 милиони долари во хотелот „Шери Недерланд“.