Американскиот државен секретар Џејмс Матис изјави денеска во Прага дека САД зборуваат со нивните европски сојузници за Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (ИНФ), склучен со Русија, од што американскиот претседател Доналд Трамп најави повлекување.

– Разговараме со нашите европски колеги, а за тоа синоќа зборував и со германската министерка за одбрана и разговорите продолжуваат, посочи Матис.

Вашингтон тврди дека Русија го прекршува ИНФ, додека претставниците на Москва го демантираат тоа.

Американските сојузници во Европа гледаат на договорот како клучен дел од контролата на вооружувањето и прифаќаат дека Москва го прекршува, но се загрижени дека неговото укинување би довело до „нова трка“ во вооружувањето.

Имено, ИНФ е потпишан во 1987 година од страна на тогашните претседатели на САД и Русија, Роналд Реган и Михаил Горбачов.

Како што јави МИА, Горбачов, по изјавата на Трамп за повлекување од договорот, наведе дека „под никакви околности не треба да се раскинуваат старите договори за разоружување“.

– Дали тие во Вашингтон навистина не сфаќаат каде би можело ова да доведе? Напуштањето на Договорот за нуклеарни проектили од среден дострел е грешка, потенцира Горбачов.

Трамп на 20 октомври соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот, затоа што, како што рече, Москва ја прекршува спогодбата.

Со ИНФ се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја.