Министрите за надворешни работи на државите членки на Групата 7 (Г-7) се согласија денеска да извршат притисок врз оние што се одговорни за „насилната борба за власт“ во Либија, особено на командантот Калиф Хафтар, со цел да избегнат ескалација на воените конфликти, изјави шефот на германската дипломатија Хајко Мас.

– Се согласивме дека мора да ги искористиме сите опции што ги имаме на располагање за да извршиме притисок врз одговорните во Либија, особено на генералот Хафтар, за да избегнеме натамошна ескалација на воените конфликти. Сите се согласивме, изјави Мас.

Тој додаде дека секоја земја мора да ги искористи своите ресурси за да ја постигне оваа цел и истакна дека Италија и Франција имаат директни контакти со Либија.

– Состојбата е многу загрижувачка и не можеме да прифатиме натамошна ескалација на воените конфликти, рече Мас по дводневниот состанок во француското одморалиште Динар.

Паравоените формации во западниот дел на Либија се судрија со силите на непризнаената Либиска национална армија (ЛНА), со кои командува Калиф Хафтар, и заробија околу 100 негови војници, откако тој најави офанзива на Триполи.

До ескалацијата дојде откако војниците лојални на Хафтар започнаа со офанзива кон Запад, територија која е под контрола на силите лојални на Претседателскиот совет и Владата на национално единство, поддржани од Обединетите нации.