Првпат по 50 години на шпанскиот канарски остров Ла Палма повторно се активира вулкан. Шпанските медиуми јавија за повеќе големи експлозии во јужниот дел на островот во неделата попладне, по што следувало исфрлање чад, пепел и камења во височина, а подоцна на локалната телевизија беа прикажани спектакуларни снимки на огромни огнени фонтани како се издигаат кон небото.
Засега нема извештаи за повредени.
Поради опасност од надоаѓачката лава, евакуирани се околу 5.000 жители од населбите Ел Пасо и Ланос де Аридане и од туристичкото одморалиште Тазакорте на западниот брег на островот, на безбедно се сместени и околу 500 туристи. Ла Палма се наоѓа на северозападниот дел од Канарските Острови, островска група во Атлантикот пред западниот брег на Африка.