Најмалку 54 луѓе, вклучително и деца, се убиени во дворот на училиште во етнички мотивиран терористички напад во западна Етиопија, соопшти Амнести Интернешнл.

Етиописката влада ја обвини бунтовничката група, т.н. „ Ослободителна армија на Оромо“, за нападот, пренесува АП.

Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, го осуди убиството на луѓе врз основа на идентитетот, додавајќи дека безбедносните сили биле распоредени во областа и „започнале да преземаат мерки“.

Етничкото насилство во Етиопија претставува најголем предизвик досега за премиерот, кој беше носител на Нобеловата награда за мир минатата година за неговите огромни политички реформи.

– Непријателите на Етиопија ветуваат дека ќе управуваат со земјата или ќе ја уништат, и прават се што можат за да го постигнат тоа. Една од нивните тактики е вооружување на цивили и извршување варварски напади врз основа на идентитет. (За мене) ова е срцепарателно – напиша Абиј на Фејсбук.