Речиси по четири дена интензивни преговори во Брисел сѐ уште нема договор меѓу европските лидери за финансискиот пакет за справување со последиците од глобалната пандемија на коронавирусот. Претставниците на 27-те земји-членки, како и претседателот на ЕК, Шарл Мишел, и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен вчера во раните утрински часови го прекинаа маратонскиот самит и закажаа продолжување на разговорите во 16 часот попладне.

Како што јавуваат медиумите, ЕУ засега е поделена на три табора во овие преговори, главниот е помеѓу штедливите земји предводени од Холандија, во кој спаѓаат Австрија, Шведска и Данска, со срамежливо учество на финската влада, од другата страна се јужните земји, најпогодени од здравствената криза, кои имаат поддршка од Германија и Франција. Третиот табор, помал, предводен од Унгарија, го сочинуваат неколку источни земји, кои одбиваат новиот инструмент за спас од кризата да биде условен со владеењето на правото.

Разговорите што се фокусирани на предложениот пакет во висина од 1,68 трилион евра, кој ги содржи 7-годишниот буџет и фондот за ревитализацијата на економијата по епидемијата на коронавирусот никако да завршат, пренесуваат западните медиуми