Аиша Вакил (51) познава многумина од борците на теористичката организација Боко Харам уште од деца. Сега ги користи тие познанства за да издејствува мировни спогодби, да посредува при преговорите за ослободување на заложници и за да ги убеди милитантите да го остават оружјето. Но како што насилството ескалира, нејзината мисија станува невозможна, пишува „Гардијан“.

Вакил разговараше со џихадистот познат како Усман во нејзината канцеларија во Мајдугури. Тие збореа тивко, осмислувајќи таен план за спасување на 16-годишна девојка држена во заложништво од страна на Боко Харам, во текот на мај минатата година. Десет години откако исламистичката група почна да ја тероризира Нигерија, во рамки на џихадот што го војуваше против нигериската влада.

Во текот на годините Боко Харам стана озлогласена поради киднапирањето на жени и девојчиња. Најпознатиот случај е од 2014 година кога борците на Боко Харам заробија 276 ученички од селото Чибол. А имаше киднапирања и пред и потоа. Дел од заробените беа принудувани да станат бомбаши-самоубијци, при што е познато дека Боко Харам употреби 460 жени за извршување на самоубиствени бомбашки напади, повеќе отколку која било друга терористичка организација.

Бидејќи војниците и локалното население се обидуваат да ги уловат, терористите главно избегаа од Мајдугури и поставија кампови низ северна Нигерија, Камерун, Чад и низ Нигер.

Вакил беше една од малкуте луѓе надвор од Боко Харам кои можеа да стапат во контакт со терористите. Таа одржуваше контакт со некои од поискусните борци, користејќи ја приликата да преговара за слобода на заробената девојка.

Вакил која поттекнува од римокатоличко семејство, се досели во Мајдугури во 1989 година за да се запише на тамошниот универзитет. Во 90-те годии премина во ислам откако го запозна нејзиниот сопруг. Вратата од домот на Вакил секогаш била отворена за сиромашните деца. Набргу, повеќемина момчиња на околу седумгодишна возраст почнале да доаѓаат откако Вакил ги пуштала да си играат во нејзиниот двор, да берат овошје од нејзините дрвја и да помагаат во работата во градината. Жената која имала две деца почнала да ги нарекува локалните момчиња нејзини „синови“, а тие за возврат ја ословувале како „мама“. Вакил им помагала и на нивните сиромашни семејства.

Кон преминот во 21-от век животот во Мајдугури почнал да се менува. По 1999 година кога военото владеење завршило, се зголемиле сектаријанските тензии.

Вакил го познаваше Јусуф кога тој стекна бројни следбеници. Го сметаше за уште еден свој „син“, а тој ја почитуваше. Вакил честопати му готвеше и го убедуваше да не се бори против владата. Но, „мама Боко Харам“ тогаш забележала дека нејзините „синови“ поминуваат повеќе време во џамијата на Јусуф, а потоа почнале и да „исчезнуваат“.

Таа не знаела за отворените џихадистички кампови низ Нигерија, а камоли дека еден од нејзините синови кого не го видела три месеци, бил на обука по наредба на Јусуф. Вакил тогаш се соочила со Јусуф кој и кажал дека се подготуваат за џихад. Нејзините „синови“ потоа од неа барале да ги ословува со „војничките имиња“.

Јусуф и неговите следбеници станале воинствени, а популарноста на водачот се зголемувала со секое апсење на членовите на неговата организација. Вакил сфатила дека нејзините синови и Јусуф одат кон неволји. Во јули 2009 година Јусуф беше заробен од војската и предаден на полицијата која го егзекутираше. Владата сметаше дека смртта на Јусуф ќе претставува и крај на Боко Харам, но таа само ја влоши состојбата. Суровиот заменик на Јусуф, Абубакар Шекау стана нов водач на Боко Харам. Оттогаш училиштата станаа цели на терористите кои киднапираа девојчиња. Целта на групата беше да ја собори владата и да ја замени со исламско владеење.

Многумина од „синовите“ на Вакил беа под команда на Шекау. Но, иако разочарана од нивната определба, таа не ги напушти, ниту ги предаде. Таа одлучи да се моли за нивно покајание и да се грижи за нив, давајќи им пари, облека и телефони, верувајќи оти тие ќе се реформираат со љубов. Вакил се грижеше и за нивните жени и деца. Таа ги криеше во својот дом кога беа барани од државните агенти. Но истовремено стравуваше и за нивните намери.

Нејзините врски со Боко Харам не беа тајна. Во текот на телевизиско гостување таа побара од борците на Боко Харам да престанат со војување, молејќи ги како што тоа би го сторила мајка кон нејзините синови. Потоа локалното население и новинарите почнаа да ја нарекуваат „мама Боко Харам“. Таа беше единствената жена која можеше јавно да каже оти редовно разговара со милитантите.

Во 2012 година Боко Харам изврши низа на напади. Тогашниот нигериски претседател Гудлак Џонатан призна дека терористи се инфлитрирале во владата и во безбедносните служби. Вакил во 2013 година беше поканета да се придружи на комитет основан од претседателот, за отпочнување на преговори со бунтовниците и за отворање на можноста за нивно амнестирање. Вакил ја прифати поканата, но преговорите не напредуваа, бидејќи Боко Харам не им веруваше на политичарите.

Вакил, пак, спроведуваше сопствени преговори разговарајќи телефонски со членови на Боко Харам или среќавајќи се со нив во нејзиниот дом. Таа ги молеше да ја напуштат групата, што десетици и го сторија. Таа убеди некои од нив да го остават оружјето.

Но, сите немаа разбирање за Вакил. Многумина беа сомничави и сметаа дека таа е премногу блиска со терористите. Во нејзиниот дом се среќаваа и владини агенти и членови на Боко Харам. Тоа беше визијата на Вакил за постигнување на мир. Сепак, во август 2016 година нигериската војска соопшти дека ја бара Вакил бидејќи има информации за локацијата на киднапираните девојчиња од Чибок.

Вакил беше вознемирена. Таа немала сознанија за тоа каде се наоѓаат девојчињата, а со години соработувала со безбедносните служби. Тогаш се сретнала со еден од водечките луѓе во армијата и го информирала за нејзините активности. Но, сега била сметана за соучесник. Следниот ден се предала во седиштето на министерството за одбрана во Абуџа, каде што била испрашувана осум часа. Вакил била ослободена по 48 часа по што се вратила во Мајдугури.

Во 2017 година Вакил основала непрофитна организација за хуманитарна помош. Таа и натаму барала од нејзините момчиња да прекинат со насилството, по што издејствувала некои од нив да се предадат.

Како дел од договорот, дел од заробените девојчиња од Чибок требало да бидат ослободени. Но едниот од „синовите“ бил убиен од неговите соборци кога дознале дека планира да се предаде. Тоа претставувало и удар за мировните преговори. 

Кон крајот на 2019 година нејзината фондација се соочила со обвиненија за измама по што Вакил била притворена. Според антикорупциската агенција, добавувачите што доставувале опрема и намирници за фондацијата не биле исплатени, а дел од договорите биле лажни. Вакил тврдела дека не е виновна, префрлајќи ја одговорноста на менаџерот кој бил задолжен за договорите.

Во меѓувреме, бројноста на Боко Харам се зголемувала наспроти тврдењата на нигериската војска. Тешко е да се каже кој победува во конфликтот, но извесно е оти „синовите“ на Вакил продолжуваат да ги губат животите. Таа истакна дека се што сака е нејзините момчиња да се предадат за да може да готви за нив и пак да јадат заедно како некогаш.