Се проценува дека 52 отсто од девојките во Јужен Судан стапуваат во брак пред да наполнат 18 години

Фејсбук е под притисок откако малолетна девојка беше ставена на аукција во Јужен Судан, пишува магазинот „Тајм“. На социјалната мрежа се појавија реклами за продавање на 17-годишната девојка, минатиот месец. Пет мажи, наводно, учествувале во аукцијата, вклучувајќи владини претставници од Јужен Судан. Поведена е истрага за инцидентот и откривање на учесниците во аукцијата.

Од компанијата „Фејсбук“ за Си-ен-ен рекле дека објавата за аукцијата е тргната од нивниот тим на 9-ти ноември, 15 дена откако таа била објавена на социјалната мрежа. Но било предоцна, бидејќи девојката веќе била омажена за најголемиот понудувач на 3-ти ноември. Таткото за продажба на ќерката добил 500 крави, три автомобили и 10 илјади долари.

– Секоја форма на трговија со луѓе, било да е тоа со помош на објави, страници, реклами или групи не е дозволена на Фејсбук – рекол портпарол на компанијата, откако профилот преку кој  е направена аукцијата бил трајно избришан.

Се проценува дека во оваа африканска земја 52 отсто од девојките стапуваат во брак пред да наполнат 18 години. Овој обичај е воспоставен најчесто поради сиромаштијата, недостигот на храна и политичката нестабилност, каде што младите девојки ги мажат со цел да се избегнат сексуални насилства врз нив или бидејќи семејствата не се во можност да ги издржуваат.