Уницеф предупреди и повика за подобрени кампањи за вакцинација, откако светот се соочува со шокантен пораст и повторна појава на малите сипаници (морбили) на глобално ниво, пишува британски „Гардијан“.

Според податоците, Украина, Бразил и Филипините се меѓу десетте земји кои се соочуваат со најголем број на заболени од оваа високо заразна болест, а ваквата епидемија не ја прескокна ниту Македонија.

И покрај предупредувањата од катастрофалните последици, особено за децата, болеста продолжи да се шири, a истражувањето на агенцијата на Обединетите нации (ОН), Уницеф, покажува дека 98 земји во светот имаат драстичен пораст на заболени од мали сипаници во 2018 споредбено со 2017 година.

Бројките вклучуваат и земји кои претходно целосно ја имаа искоренето болеста.

Важно е да се напомене дека епидемиите не се појавуваат само во земјите во кои има сериозни конфликити и каде вакцинацијата поради различни причини била прекината, туку и во земји во кои има колебливост на населението за вакцините предизвикана од дезинформациите ширени од страна на антивакциналните кампањи.

Морбилите се високо-заразна болест и се шират побрзо од еболата, туберкулозата или грипот. Овој вирус може да биде фатален за неухранети деца или за бебиња кои не се доволно возрасни за да бидат вакцинирани. Дополнително, откако ќе се инфицира, не постои конкретен третман за морбилите, поради што лекарите сметаат дека вакцинацијата е главна алатка за заштита.

На почетокот на 2019 година, поточно на 2 јануари, Министерствтото за здравство прогласи епидемија на морбили на подрачјето на Град Скопје. Епидемијата сега влегува во својата осма недела, а последниот извештај за епидемијата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 16 до 22 февруари вели дека вкупно се пријавени 65 нови случаи од кои 54 се во Скопје, а 13 во други градови. Според ИЈЗ, заклучно 22 февруари, од прогласувањето на епидемијата, регистрирани се 311 случаи во Скопје.

На светско ниво, Украина, Филипините и Бразил се земјите кои се соочија со најголемо зголемување на заболени од мали сипаници. Лани, во Украина се забележани 35,120 случаи, а болеста зема и 30 животи во земјата од 2017 година. Проблемот е главно во Западна Украина, каде антивакциналните кампањи предизвикаа ниски стапки на имунизација, но проблеми се јавија и при достапноста на вакцините. Кризата во Украина продолжува, а нивната Влада објави дека дополнителни 24,042 луѓе се инфицирани од болеста само во првите 2 месеци од 2019 година.

Со сличен проблем се соочија и Филипините, каде се забележани 12,736 заболени и 203 починати од оваа болест досега оваа година, а само во 2018 година имало 15, 599 случаи.

– Ова е повик за будење. Имаме безбедна, ефективна и ефтина вакцина против високо заразната болест, вакцина која спасува скоро еден милиони животи секоја година во последните две декади – рече Хенриета Х. Фор, извршниот директор на Уницеф. Таа дополни дека овие епидемии не се случиле преку ноќ и дека мора да се работи на тоа да се надминат овие проблеми денес, затоа што последиците би биле катастрофални во иднина, особено за најмладите.

Уницеф во својот извештај констатира дека причините поради кои на глобално нивно повторно се појавува оваа болест се лошата здравствена инфрастуктура, конфликтите, лошата здравствена едукација, незаинтересираноста и колебливоста за вакцините. Комбинираното влијание од сите овие фактори предизвика големи епидемии, и во неразвиените и во развените земји.

Во таа насока, освен земјите како Венецуела и Јемен во кои има конфликти и каде се очекува имунизацијата да има пониска стапка, со епидемии на мали сипаници се соочија и развиените земји како САД и Франција.

– Поголемиот дел од овие случаи може да се превенираат, но повторно децата се разболуваат на места каде што не е дозволиво тоа да се случува. Морбилите се опасна зараза, но често заразни може да бидат и дезинформациите, недовербата и незаинтересираноста на родителите да ги заштитат своите деца. Мора да направиме повеќе за да ги информираме родителите и тие да помогнат секое дете да биде вакцинирано – дополни извршната директорка Фор.  П.С.