Унгарската спасувачка служба синоќа соопшти дека се мали шансите да бидат пронајдени уште преживеани лица по сударот на два брода во Дунав, во центарот на Будимпешта, каде седум лица загинаа, додека 21 се водат за исчезнати.

-Повеќе би рекол дека нема надеж, отколку дека има мали шанси за да се извлечат преживеани лица- изјави портпаролот на Унгарската национална амбулантна служба, Пал Дорфи.

Според неговите зборови, причина за овој заклучок не е само ниската температура во Дунав, туку и силните водени струи, испарувањата над површината на реката, но и недоволно топлата облека која на себе ја носеле исчезнатите патници од потонатиот мал туристички брод, пренесе „Ројтерс“.

Унгарската полиција синоќа соопшти дека го уапсила капетанот на крузерот кој учествуваше во несреќата на Дунав во која загинаа најмалку седум јужнокорејски туристи.

Капетанот е 64-годишен украински државјанин идентификуван како Ц.Јури од Одеса, а уапсен е поради немарност во управување во воден сообраќај што довело до масовна загуба на човечки животи, соопшти полицијата.

Потребни биле само неколку секунди за малиот туристички брод да потоне по судирот со многу поголем и тежок крузер во средата вечерта, информираше полицијата.

Видео снимката која беше објавена вчера прикажа дека бродот за разгледување што се преврте, а кој превезувал 33 Јужнокорејци и двајца унгарски членови на екипажот, патувал во ист правец како и поголемиот брод со кој се судрил.