Мала образовна фондација во Будимпешта има големи планови за обука на идната конзервативна елита. За таа цел се гради огромен кампус, се придобиваат конзервативни интелектуалци, а образовните програми се прошируваат за обука на десет илјади студенти од Унгарија и од Европа, пишува „Њујорк тајмс“.

Се очекува трошоците за ваквиот потфат да достигнат милиони долари, но парите не претставуваат проблем. На приватно управуваната фондација „Матија Корвин Колегиум“ или скратено МЦЦ, неодамна и беа одобрени над 1,7 милијарди долари државни пари од страна на моќниот покровител, унгарскиот премиер Виктор Обран.

Херојот на европските десничари, Орбан, сака да го реформира образованието и да го преобликува општеството во Унгарија, како што наведува американскиот весник. МЦЦ не е универзитет, туку претставува резиденцијален колеџ што овозможува семинари и сместување на студентите избрани врз основа на серија тестирања.

Критичарите на Обран ја оспоруваат донацијата која сметаат дека служи за зацврстување на моќта на унгарскиот премиер, преку трансфер на државни пари до фондации со кои управуваат неговите политички сојузници. Донацијата од 1,7 милијарди долари претставува околу еден отсто од унгарскиот БДП. Опозиционерката Бернадет Сел смета дека Обран и неговите сојузници создаваат „осигурителна политика за самите себеси“ преку преносот на пари кон „идеолошки затворениот круг“, во случај на губење на моќта.

Обран кој доминира во унгарската политика повеќе од една деценија, сега се соочува со зголемен притисок од Европа, особено по контроверзниот анти-ЛГБТ закон донесен во Унгарија. Се очекува тој да се бори за петти мандат на изборите в година.