Сојузот на СИГИНТ основан во 1976 година сè уште одлично функционира

Економист

Данец, Швеѓанец, Германец и Холанѓанец седнуваат во бар. Дејството се случува во 1979 година кога шпиони од четири држави се сретнуваат во Минхен и разговараат додека вкусуваат разни видови на пива. Со години соработуваа во бизнисот на разузнавачки информации или СИГИНТ (пресретнување на пораки и дешифрирање), а сега сакаа да му дадат име на нивниот заеднички шпионски пакт. Барт Јакобс, холандскиот професор по компјутерски науки, наведува дека „додека пиеле силно пиво од локалната пиварница „Максиматор“, одлучиле кое ќе биде новото име“.

Во трудот објавен минатиот месец, Јакобс за првпат јавно го откри постоењето на сојузот „Максиматор“, на голема жалост на оние кои со децении го чуваа во тајност. Групата беше формирана во 1976 година кога Данска ги здружи силите со Германија и со Шведска за да пресретнува и дешифрира пораки испратени преку сателити што е развиен метод на комуникација. Холандија се приклучи две години подоцна, со што ги понуди своите станици за пресретнување информации на Карибите, а Франција во 1985 година. Групата и ден денес одлично функционира.

Историјата на „Максиматор“ е одличен показател за повеќе нивоа на интриги вклучени во добра криптологија. Покрај прибирањето сигнали од етерот, групата разменуваше детали околу слабостите на машините за шифрирање, чија цел беше да дешифрираат дипломатски и воени пораки. За среќа, како што вели Јакобс, компаниите кои ги произведуваа тие машини „во голема мера беа под контрола на западните разузнавачки организации“. „Крипто АГ“, шведската фирма која доминираше на светскиот пазар, била во сопственост на ЦИА и на нејзиниот германски двојник БНД. Таа продавала машини со фабрички грешки, подеднакво на пријателите и на непријателите, меѓу кои биле и неколку членки на НАТО.

Без да соопшти како дознала, Германија им пренела информација на партнерите од „Максиматор“ за слабоста на машините, со тоа што ги предупредила за читањето на туѓите пораки. Германските шпиони на крајот го промениле својот став околу ентузијазмот на ЦИА за шпионирање на сојузниците. Кога тие го одбиле американското барање за продавање на фаличните машини на Турција, Америка практично ја натерала Холандија наместо нив да ги продаде нејзините компромитирани уреди од холандската компанија „Филипс“. Холандската шпионска агенција која го сторила ова заборавила да го информира холандскиот ривал вклучен во „Максиматор“, поради што Европејците одеднаш „останале збунети од непознатите шифрирани пораки кои потекнувале од Турција“, како што вели Јакобс.

Откривањето на постоењето на „Максиматор“ е потсетник дека „Петте очи“, поточно пактот меѓу Америка, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд за светско следење на комуникациите, не е единствениот. Други шпионски сојузи честопати се склучуваа заради заеднички цели, како војната во Авганистан. На пример, „Четиринаесетте очи“, официјално познати како СИГИНТ сениори во Европа, ги здружија земјите од „Петте очи“ и „Максиматор“ заедно со Шпанија, Норвешка, Белгија и Италија. Еден британски разузнавач вели дека „ваквите групирања не се единствени, туку се работи за мрежа фокусирана на точно поставени заеднички цели“. Ниедна не е широка и тесно поврзана како „Петте очи“ чии членови споделуваат информации во реално време и дури и разменуваат кадри.

Сепак, „Максиматор е европски во целост, нешто што носи одредена предност кога растат трансатлантските поделби.

– Германските и француските инженери одлично соработуваат. Од друга страна имате комплицирана соработка меѓу британските и француските инженери – истакнува Бернар Барбие, поранешен шеф на СИГИНТ за француското разузнавање, кој еднаш предложил формирање на француско-германска шпионска агенција.

„Максиматор“, исто така, особено се држеше во тајност, а неговото постоење не беше познато дури ниту кај многумина во самите шпионски агенции кои се вклучени во сојузот.

– Сум бил сведок на многу неверојатни нешта до кои сметам дека „Петте очи“ би сакале да дојдат, но не можат да се споделат – вели еден поранешен холандски разузнавач.

Превод: Билјана Здравковска