Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа со стил ја придружуваше германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, тврдејќи дека таа успеала да го зачува единството на Европа во време на криза.

Тој ја пречека во срцето на винскиот регион Бургундија наместо во Елисејската палата во Париз – каде Меркел претходно ја пречекаа четворица француски претседатели. Макрон ѝ се заблагодари на германската канцеларка во заминување за трпението со него и за лекциите што ги научил од неа.

– Од кога станавте канцелар, Франција ве запозна и ве сакаше – рече Макрон, врачувајќи ѝ го највисокото француско признание на Меркел, Големиот крст на Легијата на честа.

Тој додаде дека Меркел најпрвин соработувала со претседателот Жак Ширак, потоа со Никола Саркози кога заедно ја спасиле еврозоната за време на финансиската криза, потоа со Франсоа Оланд, со кого се соочила со заканата од тероризам и бегалската криза и на крајот со него се борела со пандемијата на ковид-19.

– Работевте на зачувување на единството на Европа низ сите овие шокови. Се надевам дека лекциите на кои нѐ научивте – да останеме силни во тешки времиња, да се погрижиме да останеме обединети за да не се распаднат работите – дека тие лекции ќе останат со нас – рече Макрон.