Емануел Макрон отпатува во разурнатиот Бејрут нудејќи „морков“ и поставувајќи рок, пренесува „Политико“. Францускиот претседател на либанските политички лидери им даде рок до крајот на месецов да отпочнат со менување на политичкиот систем и да ги заменат раширената корупција и лошото водство кои ја измачуваа државата, дури и пред катастрофалната експлозија што го потресе Бејрут во вторникот.

Со чувство за симболика, Макрон им ја соопшти пораката на лидерите на либанските политички партии во вилата во Бејрут која служи како резиденција на францускиот амбасадор, и која не беше поштедена од експлозијата. На истото место пред еден век, беше даден рок за политичко преуредување од страна на друг француски претседател, со што беше создадена државата-претходничка на модерниот Либан. Дел од либанските политички лидери заминале видно незадоволни по средбата, пренесува „Политико“.

Францускиот претседател соопштил и дека наскоро ќе организира меѓународна конференција за собирање на помош за Либан, кои директно ќе одат до невладините организации и народот за да се избегне корупцијата.

Макрон помина едне час во инспекција на погоденото подрачје кое наликува на воена зона, а не а пристаниште.

– Време е за одговорност во Либан – кажа Макрон на прес-конференцијата, додека при заминувањето кон аеродромот им порача на новинарите дека Либан ќе продолжи да тоне доколку значително не се реформира начинот на кој се управува со државата.

Либан се соочува со политичка, социјална и здравствена криза покрај уништувањето од експлозијата која го разурна главното пристаниште. Во апел пред несреќата, Либан побара помош од 10 милијарди долари од меѓународната заедница.