Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција и САД се долгогодишни сојузници кои треба да се почитуваат меѓусебно и оти Франција е сојузник, а не соперник на САД.

Изјавата на Макрон е реакција на неколку напади на американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер.

Во пет твитови по посетата на Франција, Трамп го критикуваше овој важен сојузник на САД поради тоа што речиси бил поразен од Германија за време на Втората светска војна и за нискиот рејтинг на Макрон.

– Во секој момент од нашата историја ние сме биле сојузници, а меѓу сојузници треба да има почит, рече Макрон и како пример ја посочи француската поддршка за САД за време на нивната војна за независност и поддршката од САД за време на двете светски војни.

– Не мислам дека Французите очекуваат од мене да одговорам на твитови, туку очекуваат да ја продолжам таа важна историја, рече Макрон, додавајќи дека Трамп се однесува така поради внатрешнополитички причини.