Човекот којшто го уби наставникот затоа што им покажал на студентите карикатурите на пророкот Мухамед „гаѓал“ на слободата на изразување, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

– Еден граѓанин беше убиен затоа што бил учител и затоа што предавал слобода на изразување – рече Макрон во близина на училиштето во предградието на Париз, кадешто беше убиен професорот. Макрон го карактеризираше нападот како исламистички тероризам.

– Целата земја стои зад своите учители. Терористите нема да ја поделат Франција, темнината нема да победи – рече тој.

Човекот којшто вчера беше убиен од напаѓач во предградијата на Париз, бил предавач во средно училиште и на час им покажувал на децата карикатури на пророкот Мухамед, објави претходно Ројтерс.

Полицијата го уби напаѓачот, а француските медиуми објавија дека осомничен е 18-годишен Чеченец, роден во Москва. Таа информација не можеше да се потврди веднаш, пренесува АП.

Низа насилни напади од исламистички екстремисти беа пријавени во Франција во последните неколку години.